„Во Третата, Четвртата и Шестата изборна единица има преминување на прагот кој законски е предвиден“, смета Рафиз Алити, потпретседател на Собранието и шеф на Работната група во разговор за ЦИВИЛ Медиа.
Според него, бројот на гласачи во три изборни единици мора да се промени, ако сакаме избори кои нема да бидат оспорувани. На прашањето дали времето до 11-ти декември е доволно за да се реши овој проблем, Алити е категоричен дека доколку има политичка волја, има доволно време да се регулира проблемот со бројот на гласачи во изборните единици.
„Државната изборна комисија се обрати до нас како Собрание, и нé извести за овој проблем. Останува на Собранието и на Работната група, да покажат дали имаат капацитет да најдеме заеднички јазик да се регулира оваа материја и да имаме регуларни избори. Работната група до понеделник треба да се изјасни дали има договор или не. Доколку не постигнеме договор во Работната група, според мене, проблемот останува на лидерите на четирите политички партии, тие да најдат начин да го решат проблемот“, вели Алити.
Предлогот на ДУИ е поголемиот број на гласачи во Шестата изборна единица да се реши на тој начин што Општина Дебар ќе се префли во „Петката“. Според ДУИ, проблемот со помалиот број на гласачи во Третата и во Четвртата изборна единица би се решил, ако Старо Нагоричане, од „Двојката“ се префрли во Третата изборна единица, а Демир Хисар и Кривогаштани, наместо во Петтата изборна единица како досега, да бидат дел од „Четворката'.
За разлика од ДУИ, ставот на ВМРО–ДПМНЕ е дека промена треба да се направи само во Шестата изборна единица. СДСМ пак, ќе го изнесе својот став, откако ќе добие официјален предлог од ВМРО–ДПМНЕ. ДПА предлага наместо 5 отсто разлика меѓу изборните единици, разлика да се намали и да изнесува 1 отсто.
Дали Собранието ќе донесе заедничка одлука како да се надмине овој проблем, ќе се знае следната недела.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian