Фокус ќе ја бара правдата во Стразбур

Центар за развој на медиуми (ЦРМ) го презентира Извештајот за мониторинг на судските случаи за навреда и клевета. Мониторингот се фокусира на спроведување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, постапувањето на судиите при примената на законот во судските постапки, примената на праксата на Европскиот суд за човекови права, на Европската конвенција за заштита на човековите права како и други документи за заштита на слободата на изразување. Во извештајот се опишува детално случајот Мијалков – Фокус. Уредничката на неделникот Фокус, Јадранка Костова изјави дека не е оптимист дека нешто може да се промени затоа што ниту од Апелациониот суд не очекува промени во пресудата што ја добија во случајот Мијалков против Фокус. Таа додаде дека ќе се обратат до Уставниот суд на Македонија и до  меѓународниот суд во Стразбур. Во продолжение, пренесуваме поголем дел од нејзиното излагање на денешната дискусија:

DSCN6360

“Зошто овој пат ќе одиме во Стразбур? Затоа што денес многу се каам кога се водеше процесот Антонио Милошоски против мене лично како новинар, ние бевме пред Уставниот суд и она што беше најразочарувачки, пресудата беше препишана од онаа на Апелациониот суд и беше додадена една реченица. Најапсурдно во таа пресуда беше што судијата констатираше дека министерските души болат подлабоко и честа им е поголема. Ова најдирекно е спротивно на стандардите на Стразбур. Да потсетам, Првостепениот основен суд пресуди 16,000 евра оштета за душевни болки на министерот. Клеветата беше во насловот: Како Здружението на возачи стана семеен бизнис на г. Милошоски, мислејќи, метафорично, дека татко му и брат му навлегоа во тоа. Нашето судство функционира според  принципот - сите сме еднакви, но некои се поеднакви од другите. Нашето судство, кривичното и граѓанското сега,  служат како заштитен појас на високи функционери на власта, а нивни приврзаници да бидат поштедени од било каков сомнеж и критика без разлика дали за тоа имате документ, изјава или закон на ваша страна. Ова се опасни стандарди. Кога Апелација парафира вакви пресуди тогаш вие губите надеж. За мене тоа е најстрашно. Дадовме уште 1,500 евра за жалба до Апелација и сега уште 1,500 евра ќе дадеме пред Врховен суд, пари кои ги фрламе во ветер, бидејќи нема ништо да добиеме. Но, овојпат, за разлика од претходната пресуда за Милошоски кога размислував дека 4 до 5 години ќе се чека на одлуката на Стразбур, а ништо фајде од тоа, сега ми тежи на глава ставот на Уставниот суд во овој состав. Оттаму, она што произлегува од новиот закон за граѓанска одговорност потврдува дека многу е тешко во Македонија, во оваа време, со вакви судски аршини да сакате да бидете коректор на власта, да имате критички однос кон оние што ја имаат моќта. Со овие стандарди во судот може само да изјавувате било што без било какви докази за тоа кој е крадец, кој урива држава, кој е предавник  и судот да пресуди дека тоа не е клевета и навреда или дека ние немаме ни чест и углед. Ваквите пресуди се страшни по демократскиот амбиент во Македонија. Она што се однесува до законот, мислам дека за разлика од кривичните процедури каде за 800 денари кој стигнеше тужеше, овие судски такси не погаѓаат нас медиумите. Тие не значат ништо за големите медиуми, за функционерите на власта, но нас помалите се убиствени.“

„Уште еден од апсурдите и парадоксите е оштетата од 5,000 евра што ми беше одредена и 1,000 евра за Владо Апостолов, во пресудата стоеше дека согласно нашата материјална состојба нема да нѐ погоди. Јас се прашувам од каде? Ниту бевме прашани колку примања имаме, каква ни е состојбата, направиле проценка од око. Во извештајот за мониторингот на судските случаи за навреда и клевета на крај стои тоа колку медиумите известувале за нив. Ќе забележите дека оние мејнстрим медиуми што немале интерес да разговараат, дебатираат за овие случаи и на пример казната што требаше да ја плати Фокус не беше вест за нив. Она што е најжално, не беше вест ни за Македонската радио телевизија како јавен сервис. Дури и солидарната акција на Здружението на новинари за Фокус не беше вест. Само истите луѓе, новинари и истите медиуми си дебатираме и се трудиме да анимираме јавно мислење, но има еден непробоен ѕид кој поголемото мнозинство од медиуми не сака да се сруши и да разговара за ова. Тие немаат забелешки веројатно, но тркалото се врти и затоа треба да се реагира.” - рече Костова.

Заклучоците на овој извештај се дека:

“Досегашната пракса и анализата на донесените правосилни пресуди покажува дека постои драстична разлика во работењето на судот во случаите кога странки се државни функсионери наспроти случаите во кои нема нивна инволвираност, ниту како тужители, ниту како тужени. Во случаите кога е инволвиран некој државен функсионер видлива е тенденцијата на поитно постапување на судот. Во ваквите случаи, Европската конвенција и праксата во Стразбур  предвидува дека носителите на јавни функции да имаат поголем праг на толеранција во однос на критиките. Со тоа што е недоследна и е во насока на угледот на функционерите наспроти слободата на изразување. Потврда на ова е случајот Никола Груевски – Тито Петковски, случајот Никола Груевски – Зоран Заев, како и сучајот Мијалков - Фокус.

Правосилната пресуда во случајот Мијалков – Фокус покажува дека во Македонија постои негативна и загрижувачка пракса, судот наместо да ја штити слободата на изразување, дополнително ја загрозува со тоа што наместо да ја штити слободата на изразување дополнително ја загрозува со тоа што ги штити функционерите и власта, а ги казнува новинарите.

Критичките медиуми во континуитет ги следат случаите за навреда и клевета против новинарите. Вклучувањето на критичките медиуми во поддршката  на акцијата за солидарност на Фокус имаше значаен придонес во нејзината успешна реализација воедно и собирање и плаќање на досудениот надомест.

Провладините медиуми речиси воопшто не информираат за случаите за навреда и клевета. Со ова јавноста  на Македонија  е изолирана и без никаква информација за случувањата поврзани со слободата на медиумите и слободата на изразување.

Медиумите кои информираат за навредата и клеветата главно пренесуваат изјави и ставови но не објавуваат прилози кои имаат аналитичка анализа”, стои во заклучокот во извештајот.

Биљана Јордановска

Арбана Ќерими