Активистката Валбона Река веќе неколку денови самата протестира, блокирајќи го влезот на подземниот паркинг за новоизградената зграда на улицата „Ресенска“ број 8 во населбата Чаир, што се наоѓа спроти Поликлиниката „Чаир“. Во разговорот со ЦИВИЛ Медиа, Река тврди дека пред три години собрала потписи за петицијата на станарите од соседната зграда, со која тие бараат да не се гради новата станбена зграда во паркот, на локација која наводно ја купил поранешниот министер за труд и социјална политика, Џелал Бајрами (ДУИ). Но, откако објектот сепак, почнал да се гради, станарите побарале да им бидат исполнети одредени барања.
„Измамени сме од градоначалникот на Чаир, Изет Меџити и од инвеститорите, бидејќи потпишавме договор дека ќе ни исполнат 21 барање. Ние побаравме да го средат делот од паркот што остана, да се фасадираат двете згради, да се направи улицата, гаражите, да ни стават лифтови во зградите... Точката 11 од барањата предвидува дека за паркирање на возилата на станарите на новоизградената зграда, ќе се разговара на лице место за да се изнајде решение. Но, целиот објект беше заграден додека се градеше зградата. Деновиве, кога ги тргнаа оградите, видовме дека има подземен паркинг за кој ние не бевме известени. Со овој паркинг, ќе имаме проблем, ние, станарите од останатите згради, зашто, нема да имаме доволно простор за нашите автомобили. Каде ние ќе ги паркираме автомобилите, откако ќе ја узурпираат целата улица“, вели Река.
Таа вели дека од 21 точки од договорот само 3 - 4 се исполнети, другите точки не се.
„Под точка 11 спаѓа дека влезот за колите во паркингот/гаражите во таа зграда нема да биде од нашата улица. Сега ми објаснија дека тоа не е наша уличка, туку улица за фреквенција на коли и дека имаат документ од Општината дека тоа е нивно. Тоа е измама, ние станарите не знаевме“, потенцира Река.
Река, во знак на протест, вчера го остави својот автомобил на влезот на подземниот паркинг, за да ги спречи булдожерите да работат, но додека била на работа, полициски службеници го посетиле нејзиниот стан, за што ја информираа соседите. Додека тимот на ЦИВИЛ Медиа беше на лице место, соседите и ја пренесоа на Река пораката на полицајците, дека доколку не го тргне возилото за да може булдожерите да работат, ќе бидат принудени да го отстранат со „Пајак“-служба.
Река резигнирано ни изјави дека никој од станарите не ја подржува и не излегува на протест со неа, затоа што соседите се плашат од локалната власт во Чаир, и дека ќе биде присилена да се откаже од протестот.
Д. Муратов
Оваа вест е достапна и на: Albanian