Дебата на тема „Градоначалниците и слободата“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе се одржи на 14-ти октомври (петок) во 12:00 часот, во хотелот Сити Парк во Скопје.
На дебатата со видео изјави ќе учествуваат градоначалниците Илчо Захариев (Штип), Ратко Димитровски (Кочани), Изет Меџити (Чаир) и Андреј Жерновски (Центар). Панелисти на дебатата ќе бидат Ѓорѓи Христов од Центарот за развој на локална демократија и Јадранка Кунгуловска, експерт за институционална поддршка и поранешен општински советник.
Дебатата е дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, вклучувајќи концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања што се важни за граѓаните.
Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.
По овој настан ќе следат и дебати за вклученоста на жените во политиката и за уметниците и политиката, како и дебата која ќе се однесува на политичката корупција и условите за фер и демократски избори.
Оваа вест е достапна и на: Albanian