„Публикацијата 'Слободни избори: Услов за кој не се преговара' е импресивен документ и доказ за тоа што не е во ред во оваа земја. Толку многу различни нивоа на корупција, заплашување и други кршења на законот, во комбинација со говор на омраза, клевета и навреда, е многу негативно постигнување за земја со големина колку што е Македонија!", истакна заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Хелге Зандер, на денешната завршна церемонија од проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, на која ЦИВИЛ - Центар за слобода ја промовираше публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“.
„Јас би сакал да ги пренесам поздравите од Н.Е. амбасадорорката д-р Кристине Алтхаузер и нејзината почит за работата на ЦИВИЛ во последните месеци. Проектот стигна до крајот, иако ова прашање останува важна задача.
Слободни избори за слободни граѓан(к)и, е како што ЦИВИЛ пишува и во документот, нешто што треба да биде сосема нормално и не спектакуларно во едно демократско општество. Сепак, морам да кажам дека бев импресиониран, шокиран и полн со неверување, и зачуден од тоа што морав да го прочитам во брошурата. Ова е импресивен документ и доказ за тоа што не е во ред во оваа земја. Толку многу различни нивоа на корупција, заплашување и други кршења на законот, во комбинација со говор на омраза, клевета и навреда, е многу негативно постигнување за земја со големина колку што е Македонија!
Ако кажам дека тоа можеше да го очекува некој кој три години живеел тука, верувам дека е потценување. Тоа што оваа публикација го обелденува е повеќе од нормалните очекувања, барем за еден странец како мене.
Читајќи го овој извештај, станува јасно дека решенијата за сите општествени проблеми не може да се најдат на масата за преговори меѓу четирите политички партии. Сепак, без таков договор, се чини, дека е многу веројатно оти суштината на голем дел од решенијата никогаш нема да се изнајде: политичката волја да се прават промени.
Дури и со договор, се уште ќе биде долг пат дo општество кое функционира како нормално и плуралистичко, но целта ги заслужува сите напори.
Извештајот треба да биде задолжителен за сите оние кои имаат искрен интерес за иднината на Македонија, која ќе биде светла, само откако дијагностицираните проблеми ќе се решат.
Јас би сакал да му се заблагодарам на ЦИВИЛ повторно - за извонредната соработка, за вложувањето на сите напори да се обезбеди ваков сеопфатен и остроумен извештај, и со нетрпение очекувам и понатаму да соработуваме во иднина.
ЦМ