Средбата помеѓу претставниците на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Алијансата за Албанците (колицијата на Движењето за реформи во ДПА, НДП и Унитети), која се одржа викендов, не претставува почеток на коалиција, категоричен е лидерот на ДРДПА, Зијадин Села, кој даде изјава за ЦИВИЛ Медиа, во име на Алијансата.
Во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Села ја посочи целта на разговорот со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потенцирајќи дека и останатите албански партии беа поканети да учествуваат.
„Барања доставуваме до нашиот народ за да нé гласаат, ова се услови кои ќе се испорачаат до политичките партии. Средбата е договор за коалицирање, само значи дека отсега па натаму, албанските политички партии ќе делуваат политички заедно, а не - како изминатите 25 години - поделени, без заеднички ставови од што резултатот е експлоатација на Албанците, монтирани политички процеси, кршење на правата... Јас работам за унифицирање на заедничките ставови на албанските партии, не само за овие избори, туку засекогаш“, ни изјави Села.
На прашањето дали фактот што од споменатите 25 години, дури 13 години, ДУИ е дел од владејачката коалиција, не е ја прави токму неа - дел од причините за проблемите со кои се соочуваат Албанците, Села вели:
„Најголемата вина ја имаат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тие заедно ни ги скратија правата во 1991 година, со Уставот. Главните виновници се тие. ДУИ е еден од актерите кои биле немоќни, како и другите политички партии - како ДПА, ако зборуваме за минатите 25 години, тие се немоќниците кои не спречувале вакви политики кои Македонците ги правеле: прогласување на независност, врз база на скратување на правата на една третина од населението кое живее во Македонија. Имаат и тие дел од одговорноста, но најголеми виновници се ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Мојот пристап во врска со ставот што го имам, сега ќе го објаснам со ретровизорот додека возиш. Можеш да гледаш напред, или да гледаш постојано во ретровизор, а така, сигурно ќе направиш сообраќајка“, вели Села.
На средбата која иницираше ДУИ, не учествуваа претставници на политичките партии Беса и ДПА.
ЦИВИЛ Медиа, разговараше и со Орхан Муртезани, портапол на Беса. Причината поради која Беса не одговори позитивно на поканата на ДУИ, за учество на оваа средба, како што вели Муртезани, е во тоа што „Али Ахмети нема кредибилитет да повикува на ваква средба, а Беса нема да седи на иста маса со луѓе осомничени од СЈО, како, на пример. во случајот 'Маѓар Телеком'“.
„Беса нема да коалицира со партии чии членови се осомничени од СЈО, отворени сме за соработка со остантите кои го прифаќаат нашиот концепт за редефинирање на државата“, е ставот на Беса, по однос на прашањето за можни коалиции за формирање на нова влада.
На средбата присуствуваа Ахмети и Теута Арифи од ДУИ, Зијадин Села (претседател на ДР на ДПА, Весел Мемеди (претседател на НДП) и Гзим Острени (претседател на Унитети).
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian