СЈО: Судот повторно го одби СЈО за компјутерските системи на телекомуникацискиот оператор!

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, во состав - Владимир Панчевски, претседател и судиите Дијана Груевска Илиевска и Љубинка Башевска, по вторпат одби да издаде наредба за пребарување на компјутерските системи кај телекомуникацискиот оператор, потврдувајќи ја несогласноста која ја изразил судијата на претходна постапка.

Од Специјалното јавно обвинителство информираат дека Судот го користи истото образложение за наводно, нејасно и непрецизно барање, иако во барањето јасно е наведено дека се бараат компјутерски податоци складирани во сервери, што се однесуваат на записи од кои може да се утврди кои сé телефонски броеви биле предмет на следење на комуникациите.

„Исто така, за Судот е нејасно како ова Jавно обвинителство ја утврдило локацијата на серверите, иако во јавноста веќе беше објавено дека ваквите податоци се обезбедени токму од телекомуникацискиот оператор. Во оваа насока, сакаме да истакнеме дека Судот тврди дека уредите за кои е побаран претресот 'се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација', без да каже на кои докази го базира ваквото становиште. Потсетуваме дека претходната наредба за пребарување на компјутерски системи беше одбиена токму поради нејзина наводна непрецизност околу локацијата на серверите на кои е потребно да се изврши претрес, па нејасно е зошто Судот го менува ставот околу потребата од дефинирање на локацијата каде се наоѓаат серверите“ сопштуваат од СЈО.

Kривичниот совет во ист состав ја одбил како неоснована и жалбата против решението на судијата за претходна постапка, Елена Јосифовиќ, со кое беше одбиено барањето на СЈО за одземање на компјутери од Управата за безбедност и контраразузнавање.

„Напомнуваме дека согласно член 41 од Законот за кривична постапка заради остварување на функцијата на кривично гонење, јавниот обвинител е оној кој раководи со предистражната постапка, а согласно член 291 од истиот закон, истражната постапка ја спроведува исто така јавниот обвинител. Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека од страна на судии во истиот суд веќе се издавани наредби за одземање на предмети и пребарување во компјутерски системи по однос на истиот предмет на истражување, нејасно е зошто речиси без исклучок се одбиваат барањата кои ова Јавно обвинителство ги упатува, а по кои постапуваат споменатите судии“, велат од СЈО.

Од СЈО укажуваат и дека едното решение е донесено на 29 ноември 2016 година, додека другото на 1 декември 2016 година, но двете им се доставени денес.

„Се повторува праксата на Судот, доставата на одлуките со кои се одбиваат барањата на ова Јавно обвинителство, најчесто да се врши во петок. Исто така, ја известуваме јавноста дека сé уште не ни е доставен записникот од одржаното рочиште за подготовка на главната расправа кај судијата Лидија Петровска“, соопштуваат од СЈО.

Д. Муратов