Ременски: Нема да го објавам 10-ти декември за работен ден на администрацијата!

Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски денеска за Грин ЦИВИЛ, изјави дека нема да дозволи, 10-ти декември да биде работен ден за државната администрација. Таа е категорична во ставот дека дури и да има обиди на Владата, овој ден да биде прогласен за работен, таа, како ресорен министер, тоа нема да го објави. Затоа што, според неа, така се создава огромен простор за сомнеж дека државаната администрација, којашто во голема мерка сé уште е под контрола на владејачката партија, токму дента пред избори, ќе биде ставена во функција на изборната кампања!

„Сé уште нема закажано седница на Владата, за министерот за труд и социјална политика да ги изнесе аргументите против - 10-ти декември да биде работен ден. Меѓутоа, министерот за труд и социјална политика го прогласува работниот, односно, неработниот ден во Република Македонија! Така што, дури и да има обид од Владата да не ги послуша укажувањата на министерот, дека 10-ти декември не може и не смее да биде работен ден за државната администрација, јас најодговорно тврдам дека како министер, нема да го објавам 10-ти декември за работен ден за државната администрација“, изјави министерката Ременски.

ЦИВИЛ Медиа го актуелизираше ова прашање вчера, откако на социјалните мрежи имаше реакции дека одработувањето на „Денот на дрвото“ ќе се случи на 10-ти декември, ден пред изборите и во тек на изборниот молк, со што се отворија многу дилеми во јавноста, околу можностите за злоупотреба на предизборната сабота, особено на вработените во јавниот сектор и јавните ресурси.

„Одработувањето на ‘Денот на дрвото’ наспроти изборите, извесно дека ќе се искористи за максимална и агресивна пропаганда, особено меѓу вработените во јавниот сектор, за притисоци врз нив и за жестока злоупотреба на јавните ресурси кои ќе бидат ставени во функција на изборната пропаганда. Доколку тоа навистина се случи, тоа ќе биде кршење на изборниот молк какво што немаме видено досега“, предупреди Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ - Центар за слобода.

Интервјуто со министерката Ташевска Ременски, на сите актуелни теми од областа на социјалната правда, во пресрет на изборите закажани за 11-ти декември, ќе биде објавено утре на Грин ЦИВИЛ и ЦИВИЛ Медиа.

Моника Талеска

Оваа вест е достапна и на: Albanian